Науката позади multiplayer игрите
Протоколи, интерполација, екстраполација, зошто постојат „хакови“
Во текстов ќе зборувам за “Internet multiplayer” игрите, поточно за Интернет игрите со повеќе играчи.
Основа
Сите овие игри бараат постојана Интернет врска. Податоците околу командите/одлуките на корисниците се пренесуваат преку Интернет мрежата. За ова пренесување на податоци важни се два протоколи:
- TCP (Transmission Control Protocol)
- UDP (User Datagram Protocol)
Овие протоколи не се користат само за игри, туку се основата на Интернетот заедно со уште некои други (DCCP и SCTP). Заедно го сочинуваат „транспорт слојот“.
TCP
TCP е Интернет протокол со кој се испраќаат податоци. Зошто се користи TCP:
- сигурен, веродостоен
- редоследен
- точност
Веродостојност
TCP е веродостоен бидејќи се грижи информацијата (која се испраќа по парчиња, пакети) да стигне до целта (серверот или играчот). Во случај информацијата да не се испрати, таа информација е испратена повторно.
Редоследност
TCP e редоследен бидејќи се грижи информацијата да стигне по редот како што е пратена. Бидејќи информацијата се праќа по парчиња, загарантирано е дека тие ќе бидат хронолошки подредени — како што биле испратени.
Точност
TCP има точност бидејќи заедно со информацијата испраќа број (checksum) што е пресметан од самата информација. Кога информацијата ќе пристигне, се врши проверка на бројот со информацијата, и доколку се совпаѓаат. TCP гарантира точност.
UDP
UDP e Интернет протокол со кој се испраќаат податоци, и е многу користен во multiplayer игрите. Зошто се користи:
- брзина
- едноставност, чистота
- точност
Кај UDP, не е важно дали информацијата пристигнала. Доколку има некој проблем во мрежата, информацијата не е препратена. Исто така, не е важно дали парчињата ќе стигнат хронолошки подредени.
Затоа, UDP e брз и не врши никакви проверки, освен проверката за точност (исто како TCP).
Кој протокол го користат игрите?
Игрите ги користат и двата протоколи. При испраќање информации кои не се многу важни се користи UDP, а за испраќање информации кои не смеат да се пропуштат се користи TCP.
Во некои случаи се модифицира UDP имплементацијата така што се испраќа идентификациски број и се проверува дали пакетот ќе стигне и дали ќе биде во точен редослед.
Движење
Кај игрите како Counter Strike, DotA, Battlefield, Minecraft има движење. Движењето кај овие игри е најкомплицираниот дел од логиката.
За да работи играта и да постои движење, сите предмети во играта мора да имаат локација. За таа цел се користи координатен систем. Се зема една точка и за да се знае местото на секој предмет, се одредува растојанието од таа точка во некоја оска.
Црвената точка е оддалечена 3 единици хоризонтално(x) и 5 единици вертикално(y) од центарот на координатниот систем.
Get Filip’s stories in your inbox
Join Medium for free to get updates from this writer.
Тоа ќе го обележиме како (3, 5)
Илузија на „мазно“ движење
„Пинг“ како број, е најчесто време (ms) за кое пакетот стига до целта. Често пати се користи „лаг“ како термин за закаснетото примање на информации.
Она што малкумина играчи го знаат е: секогаш има „лаг“. Во зависност од далечината и врската, времето за кое стига информацијата може да варира од 20-150ms.
За ова време, мозокот може да го забележи закаснувањето на податоците. Сепак, искуството со денешните multiplayer игри е мазно. Како? Интерполација и екстраполација.
Интерполација
Играта работи на 50-70 фрејмови во секунда. Тоа значи дека сликата се менува на 10ms. Мрежата ве ограничува, така што може да добивате информација за локациите на играчите секои 100ms.
Со линеарна интерполација, математички се одредува локацијата на играчите помеѓу повеќе фрејмови. Иако вистинските локации се добиваат на 100ms, играта ги наоѓа точките помеѓу претходните 2 локации. На овој начин, движењето е мазно.
Екстраполација
Доколку користиме само интерполација, ќе забележиме мазно движење но и ќе забележиме дека реакцијата е бавна. Локациите на играчите доцнат 100ms, односно на сликата ги гледаме каде што биле пред 100ms.
Затоа, пред да извршиме интерполација ќе пробаме да погодиме како играчот би се движел во сегашниот момент ако ја знаеме брзината и локацијата пред 100ms. Пример:
- добиваме податок дека пингот е 100ms
- добиваме податок дека играчот е на позиција (1 , 0) со брзина 1m/s
- заклучуваме дека играчот бил на позиција (1 , 0) пред 100ms
- заклучуваме дека играчот е на позиција (1.1 , 0) моментално
Зошто за некои игри постои „хак“?
Честопати може да сретнете „хакови“ за игри, во кои може да одите брзо (speedhack), да одите и гледате низ ѕидови (wallhack) и други.
Најпрво ќе ве запознаам со два концепти:
- authoritative (авторитетен) multiplayer
- non-authoritative (неавторитетен) multiplayer
Кај неавторитетните игри, играчот им кажува на другите играчи како тој реагира во средината.
Пример: Играчот оди напред и пука во противникот. Како тоа го прави во мрежата:
- им кажува на другите играчи дека се преместил во (5,0)
- им кажува на другите играчи дека го убил противникот
Кај авторитетните игри, играчот ги кажува командите кои ги стиснал, и серверот одлучува како тој реагира во средината.
Пример: Играчот оди напред и пука во противникот. Како тоа го прави во мрежата:
- му кажува на серверот дека сака да оди напред
- серверот знае дека бил во (4,0), проверува дека нема ѕид пред него, и го преместува во (5,0)
- другите играчи дознаваат дека е во (5,0)
- му кажува на серверот дека сака да пука напред
- серверот знае дека противникот е пред него, знае дека има куршуми и испраќа информација до играчите дека противникот е убиен
Како што може да приметите, кај неавторитетните игри, секој играч има доверба во информацијата од другите играчи.
Играчот може да користи алатка која на серверот ќе му соопштува лажни информации и на тој начин ќе успее да се протнува низ ѕидови, да се телепортира и да пука луѓе кои не ги гледа.
Кај авторитетните игри, тоа не е можно бидејќи алатката може да испраќа само команди, и во секој случај резултатот ќе биде праведен.
Заклучок
Ги научивме основните принципи на multiplayer игрите. Не обрнавме внимание на link layer и Internet layer бидејќи тие не се важни за оваа тема.
Во следниот текст, ќе видиме почетно програмирање и имплементација на интерполација и екстраполација како и основните Game Patterns.







