Sitemap
3 min readDec 26, 2014

--

Press enter or click to view image in full size

Студенти, не мора да ме послушате, но може да ме сослушате.

Вака мирни, паметни, млади и убави ги освоивте симпатиите на јавноста. Но владата не сака да попушти. Мора да се менува пристапот.

Денес беше интересен ден. Од една страна вие, симболите на слободната мисла и демократијата заедно со професорите и народот кои ви даваат безрезервна поддршка. Од друга страна владата со силата, тврдоглавоста и незнаењето. Во истиот момент кога вашите срца забрзано чукаа како што се приближувавте во големи групи кон збирното место, тие, владата со своите поданици (пратениците) на собраниската комисија за образование едногласно го прифатија предлог законот за високо образование. Законот, според сите очекување ќе го гласаат во понеделник, ако не и порано. Лицемерен потег со кој уште еднаш плукнаа на сите повици кои првенствено доаѓаат од вас студентите, а од неодамна и од професорите, деканите и ректоратот. Се чини дека гледаат скриени зад кулисите од стиропор наречени барокна фасада и низ злобна насмевка си велат “колку сте порешителни, толку повеќе ќе ве игнорираме“.

Гледаме дека ја имате поддршката од студентите ширум светот. Но сите сме свесни на каков начин тие студенти го изразуваат својот револт, се борат за своите права, слободи и ги отфрлаат одлуките кои не се во согласност со нивниот интерес. Секако, никој не повикува на насилство, но во овој случај мора да се излезе од рамката.

Get малиот кнез мишкин’s stories in your inbox

Join Medium for free to get updates from this writer.

Од понеделник:

  • Секојдневно повеќечасовно блокирање на главните раскрсници. Поради студот, групите студенти можат да се менуваат на еден час. Останатиот народ ќе доаѓа во согласност со можностите. Гласната музика и мегафоните нека ечат цел ден.
  • Герила кампања, со графити, поставување транспаренти на фреквентни улици, трговски центри, автобуси. Со мегафони низ трговските центри секојдневно ќе се извикува вашиот став.
  • Окупирање на кампусите во рамките на универзитетот. Тоа е ваша автономна зона, заштитена со устав. Професорите се со вас. Нека видат сите дека факултетите им припаѓаат на студентите, дека сте тука! Транспаренти во амфитеатрите и предавалните.
  • Бојкот на дел од програмата заедно со наставниот кадар. Пример секој ден, 15 минути од третото предавање студентите да излегуваат во ходници.
  • Различни студенти секој ден да испраќаат писма до министерот за образование, заменик министерот и пратениците во кое во кратки црти ќе се образложи неуставноста и апсурдноста на предложениот закон. Ако нема време за писма, тогаш тука е електронската пошта, социјалните мрежи и тн.
  • Продолжување со активностите на социјалните мрежи, кои ќе помогнат за подобра координација.

Никој не би се осмелил да крене рака на студентите. Никој разумен. Предлозите навидум изгледаат невозможни, но јасно е дека овие времиња бараат жртви доколку очекуваме успешна борба со безумието. Секоја чест за Студентски Пленум, за досегашната организација, визија и истрајност. Време е за уште похрабри одлуки. Ние другите сме тука да го чуваме грбот на студентите.

Утрото кога во собрание ќе се обидат да го изгласаат спорниот закон, нека размислат два пати, знаејќи за силната, гласна и непопустлива младина која ги чека надвор. Кога ќе гласаат, покрај совеста, нека им се тресат и нозете.

--

--